Јован Илиески

За Авторот

Јован Илиески е дипломиран психолог и гешталт психотерапевт, по вокација писател, а по душа вечен раскажувач. Вљубеник во несекојдневните приказни скриени во секојдневниот живот, тој создава литература во која човечкото, кревкото и невозможното секогаш се преплетуваат.

Пишува неуморно уште од својата седумгодишна возраст. За него, домот не е место, туку друго срце; а книжевноста – начин на постојано враќање кон себе. Не пишува поезија затоа што ја сака, туку затоа што поезијата сама го наоѓа него. Токму поради тој специфичен глас, уште пред да се појави на книжевниот пазар, добива неколку државни награди.

Своето прво јавно дело го објавува во 2012 година под псевдоним на блогот „Душа на парче хартија". Потоа соработува со издавачките куќи Матица и Култура, а денес е ексклузивен автор на Антолог. Неговите кратки прози се објавувани и во списанието за современа балканска литература „Балкански књижевни гласник".

Иако накратко запливал и во музичките води, пишувајќи текстови за домашната сцена, најголем успех постигнува токму низ прозата. Неговиот роман „Татко ми, Босфор", кој самиот автор нежно го нарекува „моето најдраго дете", е преведен на турски јазик и издаден во Анкара од издавачката куќа Karina под наслов „Babam, Boğaziçi".

По повеќе од десет распродадени тиражи и седум објавени романи, Јован Илиески вели дека ќе пишува сè додека дише.

Библиографија

  1. „Душа на парче хартија" (2012)
  2. „Кругот на животот" (2014)
  3. „Сенки на полноќ" (2016)
  4. „Ноќта кога ја напуштив Прага" (2019)
  5. „Соба 610" (2021)
  6. „Татко ми, Босфор" (2022)
  7. „Седум часот и педесет минути" (2024)